Сите заедно да Му служиме на Бога

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„Не бојте се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Рапнатиот.

Он воскресна не е овде...“

(Марко 16,6)

Драги браќа и сестри,

Со овие зборови ангелот им се обратил на трите верни жени, кои претходно биле на Голгота, а потоа присуствувале и на Христовото погребение, па откако ја минале саботата во мирување, во неделата рано изутрина тргнале кон Христовиот гроб за да го помажаат Неговото свето Тело, според тогашниот обичај, со скапоцени мириси. Тоа се случувало многу рано, утрото, кога изгревало сонцето и додека жителите на светиот град Ерусалим спиеле во цврст сон, заборавајќи на она што се случило само пред три дена. Прва меѓу жените, кои Му биле премногу посветени на Господа и кои во црковната историја се влезени како „ жени мироносици“ , била Марија Магдалена, а по неа оделе Марија Јаковава и Саломија, кои Го следеле Христа уште од Галилеја. Тие биле загрижени за тоа како ќе успеат да ја тргнат тешката камена плоча за да влезат во гробот, бидејќи не знаеле за страшниот земјотрес, кој се случил при слегувањето на ангелот Господов, кој го одвалил каменот на влезот од гробот од што стражарите се улашиле и побегнале (види: Матеј 28,1-8). Кога стигнале тие здогледале дека влезниот камен е одвален и го виделе на него како седи ангелот Господов, кој им се обратил, соопштувајќи им ја радосната вест, веста за Христовото Воскресение. Жените мироносици мошне се упашиле и ги опфатил голем страв, па веднаш се одалечиле од гробот и се вратиле во градот, но никому не кажале за тоа што се случило, бидејќи се плашеле. Така апостолите дознале дури откако Господ лично и се јавил на Марија Магдалена, која потоа им ја соопштила веста за воскресението.

Поради големината на овој настан Светата Црква определила оваа недела да ја посвети на жените мироносици, а токму во спомен на овој настан овој ден дури е познат како ден на жените мироносици, кој го славиме секогаш во 15 ден по Велигден.

Почитувани верници,

Љубовта кон Господа на жените мироносици била наградена со тоа што тие после Мајката Божја, биле првите кои дознале за Христовото Воскресение. Нивната силна вера и нивното ревносно служење на Бога останало за навек оковечено во свештената историја, но и пример, кој го следеле и апостолските ученици од чии редови како што слушнавме од денешното апостолско четиво се извршил изборот на „ седуммината чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост“ (сп. Дела ап. 6,3). Со тој избор всушност се востановила и ѓаконската служба во Црквата, која се појавила како нова служба во Црквата поради тоа што се зголемувал бројот на верните. Нивната примарна функција била „ да се грижат околу трпезите“ (сп. Дела ап. 6,2), но со текот на времето дошло до извесни модификации во службата и обврските на ѓаконите и како резултат на тие измени се дошло до денешната служба на ѓаконите, кои „ пазејќи ја тајната на верата со чиста совест“ (сп. 1. Тим. 3,9) искрено Му служат на Бога, Црквата Божја и народот Божји.

Но, не само оние кои се во клирот или во свештена служба, не само ѓаконите и свештениците собрани околу својот епископ, туку и народот (лаосот) треба да Му служи на Бога, бидејќи сме „ род избран, царско свештенство, свет народ, луѓе придобиени, за да ги возвестуваме совршенствата на Оној, Кој нè повикал од темнина во Својата чудна светлина“ (сп. 1. Петр. 2,9). Апостолот Петар со овие зборови сака да ни каже дека сите ние заедно како Црква сме повикани секој според својот дар да ги следиме жените мироносици во подвигот на љубовта и во служењето на својот Господ, нашиот Исуса Христа, Кој „ постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело“ (Ефес. 4,11-12). Знаејќи го тоа, еден современ теолог со потполно право вели дека:Црквата претставува заедница на служењето. Таа се состои од оние што слободно се определиле да му служат на Господа и на ближните, но не исклучиво врз основа на своите знаења и способности, иако тие не се исклучуваат, туку, првенствено, врз основа на Божјата волја која се манифестира преку даровите на Светиот Дух. Даровите се даваат за активност, за изградување на Христовото тело, а не за пасивност“ .

Возљубени,

Затоа сите ние активно да ги користиме даровите од Светиот Дух, кои ни се дадени, да ја почитуваме волјата Божја изразена низ разни служби, бидејќи таа претставува услов за добро функционирање на Христовото тело. Затоа да не бидеме пасивни и заспани како Ерусалимските жители, туку да бидеме како жените мироносици, кои брзале рано кон гробот Христов, па и ние будни и неуморни да брзаме кон прегратките на нашиот Бог, кон храмот, каде чуствувајќи се како во домот на нашиот Отец Небесен, да се трудиме активно учествувајќи во црковниот живот, со своето присуство, со своето пеење, или пак со некоја друга пригодна активност да принесеме дел од себеси, да ја принесеме нашата личност, која чекори на патот кон осветувањето како вистинско миро на Господа, како бескравна жртва во изградувањето на Црквата Божја, во чие лоно стоејќи и денес и во вековите по молитвите на светите жени – мироносици да ги слушаме ангелските зборови, кои и тие ги слушнале: „ Воскресна Господ и на светот му подари голема милост” . Амин!